Ново видео од врсничко насилство, овој пат во Куманово – 14-годишна жртва го пријавила случајот по објавата на социјалните мрежи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Три тинејџерки претепале и психички малтретирале своја 14-годишна врсничка. Според полициски извори, видеото било снимено во текот на март во напуштена куќа во еден од парковите во Куманово. Дури по четири месеци, жртвата Л.И. во понеделникот го пријавила случајот во полиција, откако било објавено бруталното видео на социјалната мрежа TikTok од страна на една од осомничените, 14-годишната М.К., која учествувала во тепањето.

„Од Секторот за внатрешни работи во Куманово велат дека случајот се постапува по итна процедура и по пријавата од жртвата, идентификувани се трите напаѓачки и тие се повикани на разговор. Две од нив се малолетни, а по постапувањето на надлежниот обвинител, ќе бидат изведени пред судија за претходна постапка за понатамошни мерки.“, вели репортерот на ТВ21.

Од локалната полиција велат дека првоосомничената, 19-годишната П.А., го организирала нападот на жртвата со своите две другарки, 16-годишната Е.Ш. и 14-годишната М.К. Тие најпрво ја повикале за да се „разјаснат“ поради наводни причини поврзани со љубомора, а потоа физички ја нападнале, притоа снимајќи го нападот со мобилни телефони. Во текот на денот девојките биле испитани во присуство на нивните родители и вработени од Центарот за социјални работи на градот, а се очекуваат кривични пријави за две кривични дела.

„Во врска со објавеното видео, за кое прашувате, ве известуваме дека СВР Куманово, во координација со Основното јавно обвинителство Куманово, ги презема сите мерки и активности за расчистување на случајот, по што јавноста навремено ќе биде информирана.“, велат од СВР Тетово.

Видеото кое кружи на интернет ја потресе јавноста, бидејќи три од девојките сè уште се во основно училиште, а една е во средно образование. Социолозите го оценуваат овој феномен како загрижувачки, бидејќи често се повторува во краток временски период во нашето општество.  Професорот Ваид Џемаили вели дека оваа социјална фрустрација, освен физичкото насилство и линчувањето преку социјалните мрежи, треба да се третира од страна на надлежните со голема сериозност, со цел адолесцентите да не станат жртви.

„Ние како социолози го разгледуваме и аспектот на хиперстимулацијата кај децата или младите генерации, која е резултат на консумирањето содржини што им се нудат преку социјалните мрежи, а кои често се со брутална и насилна содржина и со исклучително големи последици за нив. Пред сè, голема загриженост е што се случува со младите генерации и за нас како општество. Се надеваме дека ќе дојде момент кога ќе се преземат чекори во насока на контрола на пристапот на различни возрасни групи до користењето на технологијата.“, вели Ваид Џемаили.

Во текот на една година, ова е трет случај во кој групи адолесценти и деца се вклучени во пресметки и се снимаат со цел објавување на видеата на социјалните мрежи. Сличен случај на насилство врз жртва се случил и во Тетово, а уште еден во Скопје.

Да потсетиме дека Министерството за образование од септември ќе ја спроведува програмата со психолози за рано откривање на знаци на деликвенција и употреба на насилство во училиштата, што се поврзува и со последиците од насилството во нивните семејства.