Иако наголемо беше најавувана европската фудбалска Супер Лига, сепак, од тоа ќе нема ништо. Навивачите на сите клубови го кренаа гласот и побараа од клубовите да не учествуваат во таква лига, а клубовите веќе почнаа да подлегнуваат под притисокот.
Прв кој што официјално отстапи е Манчестер Сити, кој вечерва со соопштение се огласи дека нема да ја продолжи процедурата за учество во Супер Лигата. Прв најави Челзи, но официјално нема од таму, иако неофицијално тоа е веќе готова работа. После нив следуваа најави и од Атлетико Мадрид, Ливерпул, додека Барселона ќе ги прашува навивачите, иако и таму е се јасно.
Според тоа, Супер Лигата имаше краток рок на траење, само два дена, а донесе фудбалски „земјотрес“ во Европа со најавата дека 12 фудбалски гиганти се соединуваат и ќе играат во силно првенство. Но, навивачите не мислеа така.
Покани добиле да учествуваат и Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, но тие од старт кажаа „НЕ“.
Инаку оваа ситуација придонесе за оставки на првите луѓе на Јувентус и на Манчестер Јунајтед, Андреа Ањели и Ед Вудворд. Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид и претседател на Супер Лигата, е под силен притисок да се повлече.
Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид од Шпанија, потоа Ливерпул, Челзи, Арсенал, Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити од Англија, Интер, Милан и Јувентус од Италија се согласија за формирање на Супер Лигата на 18 април. За два дена подоцна да почнат откажувањата.
Вечерва пред стадионот на Челзи, имаше бесни навивачи кои ги нападнаа и клупскиот автобус. Слични сцени се случуваа и вчера на дуелот Лидс – Ливерпул.
