Угостителите лути на Владата. Реагираат на последниот сет владини мерки. Забележуваат дека предизборното ветување за намалување на ДДВ и линеарно спроведување е само делумно спроведено. Наместо една единствена даночна стапка, добиле три стапки на ДДВ.
„Воведувањето на новата даночна стапка во угостителството нема сите угостители рамноправно да ја осетат. Рестораните, гостилниците, националните ресторани и сите оние кои работат со храна ќе имаат поголем бенефит од кафетериите, баровите, пивниците, ноќните клубови и дискотеките кои работат само со пијалаци. Воведувањето на новата стапка нема да има никакво битно влијание во работењето и брзото заздравување на угостителската индустрија од пандемијата Ковид-19.“, велат од Независната угостителска комора.
Според Здравко Јосифовски, пак, долгорочно гледано и покрај тоа што во целост не е применета новата стапка од 10% на сите угостителски услуги, истата ќе има позитивен ефект во законското работење на угостителите.
„И покрај тоа што во целост не е применета, сепак е за поздравување. Сметаме дека со таа мерка ќе се изедначат угостителите без разлика каде се и даноците кои ги имаа во минатото. Со тоа што ќе станат поконкурентни на пазарот и ќе може на долгорочен план влијанието од оваа мерка да даде позитивни резултати за угостителите.“, рече Здравко Јосифовски од НУК.
Директорката на УЈП истакна дека владините институции се во постојана комуникација со угостителите. Додаде дека во предизборната програма на Владата било предвидено израмнување на стапката на ресторански услуги.
„Сега во овој момент има три стапки, односно 5 посто за подигање односно земање на нарачка,10 посто за јадење во ресторан и кетеринг се она што преставува услуга а трета стапка е 18 посто продажба на алкохолни пијалоци кое не може да биде во рамки на овие другите две. Ова е еден вид почеток на реализација на овој дел од програмата на владата и во континуирана соработка со засегантите страни“, вели Лукаревска.
Лукаревска потенцира дека Владата и во иднина ќе ги детектира останатите проблеми на Угостителите. Од Независната угостителска комора пак напоменуваат дека ќе се заложат во наредниот период што побрзо Владата да го доисполни своето изборно ветување за една даночна стапка за сите угостителски услуги .
