Во Новата година со нови повисоки цени. По вчерашното зголемување на цената на струјата, од утре, јануарските сметки на парното греење ќе бидат повисоки за 14 проценти. Со ова доколку граѓаните плаќаат сметка за парно од 2 илјади денари зголемувањето ќе изнесува 280 денари. Првиот човек на Регулаторна комисијата Марко Бислимовски рече дека со оваа одлука цената на парното практично се враќа на ниво од 2018 година. Не можеме да дозволиме ценовни шокови со големи покачувања на цената на топлинската енергија на сметка на граѓаните, изјави Бислимовски алудирајќи на барањето на БЕГ за 300 посто зголемување на парното.
„Цената на парното во градот Скопје ќе се зголеми за 14 проценти. Со оваа наша одлука се враќаме на ниво на цена на топлинска енергија која што сме ја имале во 2018 година имајќи во предвид дека за 16 проценти од 2018 година до денес ја имаме намалено цената на топлинската енергија“, истакна Марко Бислимовски.
Зголемување на цената на природниот гас на светски берзи е причината за ова покачување, рече Бислимовски. Таа минатата година просечно се движела за околу 240 долари за нормален кубен метар, додека за годинава понудена е цела од 1.480 долари. Тој ги повика Владата и Град Скопје да помогнат во однос на покривањето на разликата на цената која не влегува во сметките на граѓаните. За нас зголемувањето на цената на парното за 200 проценти, не е опција, рече првиот човек на Регулаторна.
„Не е фер трошокот за природниот гас да падна не грбот на граѓаните. Од тие причини и вчера упативме апел и до Владата и до Градот Скопје и до општините во градот Скопје да помогнат. Владата веќе презема одредени чекори кои што ќе ги објави во наредниот период со цел овој трошок кој што не е покриен со оваа одлука да се најде начин како да се покрие“, додаде Марко Бислимовски.
Бислимовски рече дека во моментов не се размислува затоплувањето да се префрли на мазут, бидејќи во тој случај, цела грејна сезона ќе треба да се користи мазутот, кој многу лошо влијае врз загадувањето во градот. Сепак доколку се дојде до крајна ситуација да нема природен гас или неговата цена да биде екстремно висока оваа опција стои како отворена истакна тој. Во градот Скопје има околу 60 илјади потрошувачи кои се приклучени на централните системи за греење на топлинска енергија.
