Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и „Македонски Телеком“ постигнаа договор за соработка, по што големата спортска сала е преименувана во „Т Арена“. Целиот спортски центар „Борис Трајковски“ доби нов изглед со карактеристичната магента боја на брендот „Т“.
„Ова е важен момент за нас, за ‘Борис Трајковски’ и за Македонски Телеком, кој повторно се враќа како присутен партнер во оваа арена. Покрај визуелното уредување на надворешните и внатрешните простории, ова партнерство ќе ги подобри и условите за функционирање на Т Арената. Очекувам ова да биде долгорочна соработка која во иднина ќе донесе позитивни резултати. Заедно ќе работиме на привлекување нови настани од областа на спортот, културата и забавата“, изјави директорот на ЈУ Спортски центар „Борис Трајковски“, Даниел Апостоловски.
Задоволство од постигнатиот договор изрази и извршниот директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ.
„Телеком веќе 25 години ги поврзува луѓето во Македонија, а со ова партнерство ќе се обидеме да донесеме нови вредности за граѓаните. Ни претставува чест отворањето на Т Арената да го одбележиме со голем настан кој ќе се одржи на 2 септември и ќе биде дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Очекувам во оваа арена во иднина заедно да ги славиме успесите на македонските спортисти, да организираме големи музички настани и да создадеме убави моменти за забава“, рече Марковиќ.
Во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се наоѓаат и помала спортска сала, лизгалиште, базен и аквапарк. Директорот Апостоловски очекува аквапаркот да биде ставен во функција следната година, додека базенот моментално не е во употреба бидејќи покривната конструкција била оштетена од силното невреме што го зафати Скопје минатата недела.
