Министерот за правда Никола Тупанчевски најавува одговорност за вработените во затворот Идризово кои не покажале будност односно замижале пред феноменот внесување ладно оружје, наркотични средства, мобилни телефони и други забранети предмети. Кој конкретно ќе сноси одговорност, управата на затворот или други лица од службите, Тупанчевски рече дека останува да се види каде е направен пропустот.
Тупанчевски најави дека забелешки и критики за менаџирањето со затворите, пред две недели упатил и Комитетот за спречување и заштита од тортура, а кој што е дел од Европскиот совет. Истакна дека имало забелешки од типот дека има луѓе кои се назначени, директори и други припадници на службите, а кои не ги исполнуваат условите да бидат на таа позиција.
Иницијативата за акција во затворот во Идризово произлегла од Управата за спроведување санкции, чиј директор, Марјан Спасовски рече дека се уште постојат сомнежи дека низ ќелиите има мобилни телефони.
Во акцијата биле претресени затвореници кои извршиле различни кривични дела, почнувајќи од криминал од највисоко ниво. Акцијата е спроведена во соработка со Управата за спроведување санкции, МВР, ЈО и судот. Во акцијата се пронајдени наркотични средства, ладно оружје, 50 телефони, 37 ножеви, пари од различни валути, кои се предадени на понатамошна постапка.
