Организаторите на фестивалот „Sunny Hill“ го објавија дневниот распоред за овогодинешното издание, кое ќе се одржи од 31 јули до 2 август, откривајќи ги и термините за настапите на главните музички ѕвезди.
Фестивалот ќе биде отворен на 31 јули, а вечерта ќе кулминира со настапот на светската поп-ѕвезда Кејти Пери, која ќе се искачи на главната сцена околу 22:30 часот. Во текот на првата фестивалска вечер ќе настапат и Дхурата Дора, Ла Фазани и повеќе други изведувачи.
На 1 август, главната сцена ќе му припадне на шкотскиот пејач Луис Капалди, чиј настап е закажан исто така во 22:30 часот. Во програмата за втората вечер се вклучени и Asgjë Sikur Dielli, Луми Б, Ледри Вула, MC Kresha, Lyrical Son, Buta и други познати регионални музичари.
Годинашното издание на фестивалот ќе заврши на 2 август со настапот на светски познатиот диџеј Мартин Гарикс, кој по вторпат ќе настапи на сцената на „Sunny Hill“. И неговиот настап е предвиден да започне во 22:30 часот.
Во завршната фестивалска вечер ќе настапат и познатите имиња од електронската музичка сцена Adam Port и Rampa, кои се очекува да приредат спектакуларна атмосфера за илјадниците посетители.
Со објавувањето на дневната програма, посетителите ќе можат однапред да го испланираат своето присуство на еден од најголемите музички фестивали во регионот, кој и оваа година во Приштина ќе донесе бројни светски и регионални музички имиња.
