Објавена новата книга на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ – „Домовница“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во издание на ДИВАН, објавена е новата книга на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ со наслов „Домовница“ (Книга 1, Том 1) – вредно научно дело кое носи драгоцени сведоштва за историјата, демографијата и идентитетот на населението од Горен Бихор, Црна Гора. Книгата е уредена и подготвена од самиот автор, а рецензенти се проф. д-р Лидија Ѓурковска, проф. д-р Драшко Дошљак и д-р Саит Шаботиќ. Изданието е отпечатено во „Аурора“, Скопје, во тираж од 300 примероци.

Авторот во предговорот истакнува дека истражувањето започнало уште во 2015 година, на научниот собир во Петњица, откако во Петњичката џамија ги нашол и проучил двете матични книги (Домовници) од периодот на Кралството СХС/Југославија. „Сметајќи дека секој лист, секое напишано слово е дел од нас и нашето наследство, одлучив да направам соодветна анализа на податоците од овие книги“, наведува Рамчиловиќ, нагласувајќи го значењето на нивната дигитализација и заштита.

Објавувањето на книгата е кофинансирано од Министерството за дијаспора на Црна Гора, кое го препознало значењето на овој проект за зачувување на културниот и националниот идентитет на населението со потекло од Бихор. Во Северна Македонија денес живеат голем број лица чии корени водат токму од овој дел на Црна Гора, па издавањето на „Домовница“ во Скопје претставува и симбол на зајакнување на културните и духовните врски меѓу двете држави.

Како што истакнува проф. д-р Драшко Дошљак во својата рецензија, книгата „чува драгоцени сведоштва за идентитетот на поединецот, семејствата, но и на народот“, при што нагласува дека „личните имиња и презимиња претставуваат важен културен и историски маркер – носители на колективната меморија и континуитетот на една заедница“. Според него, ова издание „претставува вреден извор за идни историски, демографски и ономастички истражувања, како и за подлабоко разбирање на културните процеси и идентитетските слоеви на просторот на Горен Бихор“.

Книгата „Домовница“ на проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ претставува сведоштво за идентитетот на еден народ и значаен придонес во зачувувањето на културното и демографското наследство на Бихор. Со дигитализацијата и научната обработка на старите матични книги, авторот сочувал дел од колективната меморија и отворил нови патишта за истражување на потеклото, традицијата и континуитетот на животот во овој регион.

Проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ е роден во 1975 година во Долно Коњаре, Скопје, каде и денес живее. Тој е научен советник во Институтот за национална историја при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувал на бројни домашни и меѓународни научни собири и е автор на повеќе од педесет научни трудови и девет книги: „Долнo Коњарi низ слика и време“ (2020), „Надгробни споменици од османскиот период во атарот на Средни Коњари, Скопје“ (2019), „Зборови од персиско потекло во македонскиот јазик“ (2019), „Општина Петровец – вчера, денес, утре“ (2018), „Македонија во „Географија“ на ал-Идриси“ (2017), „Познати Бошњаци од Македонија“ (2016), „Бошњаците во Македонија во текот на XX век, со посебен акцент на културата и просветата“ (2014), објавена и на босански јазик (2023), и дополнето издание објавено во Црна Гора (2024). Бил пратеник во два мандати и потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, како и амбасадор на Северна Македонија во Црна Гора до 2025 година, по што се враќа во својата матична институција – Институтот за национална историја, и продолжува со научноистражувачката работа.