Објавена новогодишната кошничка – голем дел од производите што ќе се намалат, веќе се поскапени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новогодишната кошничка досега опфаќа над 650 производи и ќе трае еден месец, односно од 15 декември до 15 јануари 2025 година. Владата објави дека со производителите и трговците изминативе денови постигнале консензуален договор производите да се намалат за 10 проценти, и ќе бидат обележани со налепница „Помалку трошоци, повеќе за тебе“. Бидејќи не станува збор за интервентна мерка нема да има казнување. Но што е со оние фирми кои цените на своите производи ги зголемија деновиве, премиерот Мицкоски вели дека не верува дека ќе има изигрување на мерката, но доколку тоа се покаже сепак ќе има инспекциски контроли. 

„Ако да речеме еден производ чини 10 парички до пред 10 дена, сега вештачки се покачи на 12 парички и сега од 15 декември повторно се врати на 10 парички тогаш ништо не сме направиле.  Се разбира ќе бидат опоменати, доколку и после опомената гледаме дека нема разум или некој сака тоа да го изигрува тогаш имаме ние алатки како сето тоа да го спречиме се разбира“, вели Христијан Мицкоски.

Министерот за економија Бесар Дурмиши, уверува дека производителите и трговците ќе ги намалат цените за 10 проценти. Листата од сегашните над 650 производи понудени од околу 60 компании може да се прошири и на поголем број, рече Дурмиши.

„Со акциското намалување на цените се опфатени основните прехранбени производи од различни групи на производи и тоа леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни напитоци, алкохолни пијалоци и други“, порача Бесар Дурмиши.

Од опозициската СДСМ велат дека ова се неефикасни мерки и наместо тоа бараат да ги прифатат нивните мерки за цените.

„Вистинската мерка која ќе донесе реална корист за граѓаните и реално ќе ги намали цените на производите е укинувањето на ДДВ на храната предлог што го достави СДСМ. Со укинување на ДДВ на храната реално и вистински ќе се намалат цените на повеќе од 250 категории на производи, а домаќинствата ќе можат да заштедат и до 2.000 денари месечно“, велат од СДСМ.

Претходно Владата донесе и есенска потрошувачка кошничка со која беа опфатени 70-ина производи а на кои им беа ограничени профитните маржи, но таа и од експертите и од граѓаните беше оценета како неуспешна, а против неа се изјасни и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.