Телевизијата AL Arabiya English објави дека дошла до копија од нацрт-договор составен од 14 точки, кој според информациите треба да биде потпишан меѓу САД и Иран во петок.
Според објавениот документ, Вашингтон и Техеран, заедно со своите сојузници вклучени во актуелниот конфликт, би прогласиле итен и траен прекин на воените дејствија на сите фронтови, вклучително и во Либан.
Нацртот предвидува меѓусебно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет, продолжување на преговорите за конечен договор во рок од 60 дена, укинување на американската поморска блокада, нормализирање на бродскиот сообраќај и постепено повлекување на американските сили од регионот по постигнувањето на конечен договор.
Еден од најзначајните делови од документот се однесува на економските мерки. САД би овозможиле обновување на извозот на иранска нафта и петрохемиски производи, ослободување на замрзнатите ирански средства и подготовка на економски пакет за обнова на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари.
Во делот за нуклеарната програма, Иран повторно би потврдил дека нема да произведува нуклеарно оружје. Сепак, прашањата поврзани со збогатениот ураниум и останатите чувствителни аспекти од нуклеарната програма би биле предмет на дополнителни преговори и би се решавале во рамките на конечниот договор.
До тогаш, двете страни би ја задржале сегашната состојба – Иран без промени во нуклеарната програма, а САД без воведување нови санкции и без дополнително воено засилување во регионот.
Конечниот договор, според документот, би требало да биде потврден со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Аналитичарите оценуваат дека ваквиот нацрт во сегашната форма претставува значителна дипломатска и економска придобивка за Техеран. Иран би добил укинување на поморската блокада, повторно отворање на извозните канали за нафта, пристап до замрзнатите финансиски средства, перспектива за укинување на санкциите и масивен план за економска обнова.
Од друга страна, во оваа фаза од него се бара главно да ја повтори заложбата дека нема да произведува нуклеарно оружје и да го одржи постојниот статус на својата нуклеарна програма до постигнување на конечен договор.
Документот дополнително предвидува Ормутскиот теснец да биде целосно отворен за меѓународниот бродски сообраќај во рок од 30 дена, што би можело да придонесе за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар и намалување на цените на нафтата.
Доколку договорот биде потврден во ваква форма, тој би можел значително да ја промени безбедносната и политичката слика на Блискиот Исток, отворајќи нова фаза во односите меѓу Вашингтон и Техеран.
