Објектите за игри на среќа 500 метри од училиштата – Движењето против коцкање со поддршка! АПИС: 10.000 луѓе ќе останат без работа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата го усвои Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за игри на среќа. Во него е предвидено ваквите објекти да бидат на 500 метри подалеку од образовните установи. Движењето против коцкање го поздравува предлогот, велејќи дека е добар почеток.

„Дојде време да се почне од некаде во врска со оваа хаотична ситуација што владее во Северна Македонија. Како за почеток сме задоволни и очекуваме овој закон итно да се стави во функција и државата да дејствува за да го спречи коцкањето. Нашите барања првично беа три километри од населените места и училишните објекти, но и овој закон во моментов е прифатлив за нас. Оваа битка ја почнавме пред седум години и конечно се круниса со закон. Иако оддалеченоста е скратена на 500 метри воздушна линија, сепак мислиме дека цела Македонија, не само Тетово, туку сите градови ќе се исчистат од овој хаос што ја зафати земјава“, порача Јуши Емурлаху.

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, се жалат дека Владата со ова ќе придонесе околу 10.000 вработени да останат без работа, а од друга страна пак, ќе се зголеми приредувањето на игри на среќа на црно.

„Владата го започна процесот на затворање на игрите на среќа во Северна Македонија! Владата ќе се потруди преку брза постапка со европско знаменце да ги истурка во Собранието предлог-измените на Закон за игрите на среќа и забавните игри. Ќе им ја одземе работата на 10.000 луѓе и ќе го осиромаши државниот буџет за 280 милиони евра годишно. Сето тоа во услови на невидена економска криза, најголема по Втората светска војна“, велат од Асоцијација на приредување на игри на среќа.

Досега немаше закон со кој се одредува локацијата каде може да се отвори објект за приредување игри на среќа. Тие можеа да се сретнат близу училишта и верски објекти. Поради тоа, Движењето против коцкање постојано организираше протести против обложувалниците и казината, тврдејќи дека се рак за општеството и семејствата.