Обновен стариот пат Скопје – Блаце, првите 2 километри од автопатот се уште не се пуштени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вака изгледа магистралниот пат Скопје-Блаце по обновувањето…
Голем број владини претставници дојдоа по повод завршувањето на 10-те километри од патот.

А влезот од каде ќе биде?
Еве тука се поврзува со автопатот…

Првиот вицепремиер Артан Груби, освен функционерите, ги поздрави и активистите на албанската опозиција, кои ги нарече „фанови“, кои пак дојдоа за на ироничен начин да ја потсетат власта за доцнењето на градежните активности.

-Како тоа. Не мора да ме поздравиш, само рака крени ми…

Груби вели дека оваа Влада направила невидена револуција во областа на инфраструктура.

-Ова е рекордна реализација на проект кој го вети оваа Влада. Сите проекти што ги започнавме, како што е овој Скопје-Блаце, патот Ќафасан, патот од Битола до Меџитлија, како што беше вчера патот од Крива Паланка до Деве Баир, како што беше Патот на Арбр од село Извор до Дебар, се реализираат или се во завршна фаза. При крај се и „славните“ 2 км Скопје-Блаце, кои за неколку недели исто така ќе бидат готови, по што ќе следи најава за следните 10 километри.

И додека се промовира овој патен правец, првите два километри од автопатот сѐ уште не се готови. Рустеми вели дека ќе бидат пуштени напролет. Тој признава дека инфраструктурните проекти траат долго, поради, како што објаснува, непредвидени проблеми што настануваат.

Активисти на Европскиот сојуз за промени со критики до власта поради тоа што првите 2 км од автопатот сѐ уште не се довршени. Прашуваат кога целосно ќе заврши изградбата на овој патен правец?

„На 16 јануари 2020 година беше потпишан договорот за изградба на првите 2 километри од патот Скопје – Блаце. Ова е примерок од проектот. Во договорот за проектот рокот за завршување на градежните работи е 18 месеци, додека вредноста на истиот е 14,5 милиони евра. По 48 месеци или 4 години, вредноста на проектот достигна вртоглави 30 милиони евра. Не се знае до завршувањето колку ќе достигне оваа цифра и не се знае кога ќе заврши.“, вели Фати Исени од ЕСП.

Инаку, патот во должина од 10 километри е целосно обновен со 3,8 милиони евра обезбедени преку програмата на Јавното претпријатие за Државни патишта.