Обраќања на претставниците на АПИС и Сакам да работам при јавната расправа по Предлог законот за игри на среќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри е противуставен, дискриминаторски и донесен набрзина во функција на политички популизам, кој наместо да ги заштити младите, ќе го потисне бизнисот на црниот пазар и ќе остави 10.000 луѓе на улица. Ова е заедничкиот заклучок од денешната јавна расправа на која координирано настапија Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и Здружението на вработени „Сакам да работам“.

Бизнис секторот и синдикалните претставници обвинуваат дека извршната власт целосно ги игнорирала засегнатите страни, заобиколувајќи го системот ЕНЕР. Тие повлекоа паралела со Предлог-законот за заштита од пушење, каде Владата пред да го пушти во собраниска процедура направила серија консултации со тутунската индустрија и еснафите за да се минимизираат економските штети. За овој сектор, кој е најголем приватен работодавач во земјава, дијалог воопшто немало.

Правен апсурд: „Урбанистички инженеринг“ и државен онлајн монопол

Од АПИС предупредуваат дека клучните одредби од новиот закон, заведен под архивски број 57-4436/5, се сериозен материјал за оспорување пред Уставниот суд, што во иднина може да предизвика огромни тужби по државниот буџет.

Како правно неодржлива се посочува одредбата за дистанца од 500 метри од училиштата.

„Ова е противуставна дискриминација базирана на урбанистичка околност која не е фиксна. Општините можат во иднина намерно да градат училишта во близина на веќе лиценцирани објекти за да изнудат нивно затворање. Од друга страна, оваа дистанца не важи за кафулиња каде младите се изложени на алкохол и никотин“, изјави Стоименов од АПИС, посочувајќи го примерот со „Боемската улица“ во Општина Центар.

Правниците во секторот го лоцираат најголемиот парадокс во намерата на Владата да го задржи ексклузивното право за организирање онлајн игри на среќа. Според нив, тезата за „заштита на младината од излозите“ паѓа во вода кога истите тие млади ќе имаат пристап до игри на среќа во секое време преку своите мобилни телефони.

Како дополнителен уставен фаул се наведува и селективната забрана за медиумско рекламирање, која не важи за спортските терени и опрема, со што комерцијалните медиуми се ставаат во подредена и дискриминирана положба. Како референца се посочува пресудата на Врховниот суд на Шпанија од октомври 2024 година, со која се укина слична забрана за рекламирање во ЕУ, со образложение дека се крши загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото (член 55 од македонскиот Устав).

Финансиски колапс: Државата ризикува 350 милиони евра годишно

Новинарските анализи на финансиските параметри ја демантираат тезата за „еднострани астрономски профити“. Секторот во моментов се оданочува преку 11 различни основи:

23% посебна давачка (од кои 20% одат во централниот Буџет, а по 1,5% за јавно здравство и за Министерството за млади и спорт);

10% данок на добивка како правни лица;

15% данок на секоја поединечна добивка на играчите;

Фиксни годишни лиценци, плати и придонеси за 10.000 вработени (со вклучени двојни дневници за ноќна и сменска работа 24/7), како и огромни суми на ДДВ за кои компаниите немаат право на поврат.

Сумарно, приредувачите инкасираат над 350 милиони евра годишно директно во државната каса, а секторот индиректно поддржува меѓу 54.000 и 100.000 работни места во други гранки (угостителство, закупнини, обезбедување). По подмирување на сите давачки, на компаниите им остануваат само 10% за реинвестирање и заработка.

Реална животна драма: Молк од премиерот Мицкоски

Претставникот на Здружението на вработени, Горан Крстевски, обелодени дека на 20 мај 2026 година испратиле официјално писмо до премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, барајќи од него заштита, но до денес нема никаков одговор. Вработените, од кои 90% се Македонци, прашуваат дали се жртва на свесен „политичко-етнички инженеринг“.

Во писмото испратено до премиерот се опишуваат секојдневните драми на вработените кои поради најавените затворања веќе се соочуваат со несоници, страв од активирање на хипотеки и извршители, и масовно подготвуваат биографии за иселување во земјите од ЕУ каде нивните професионални квалификации веднаш се прифаќаат.

„Дали Владата има план каде ќе вработи најмалку 10.000 луѓе кои преку ноќ ќе останат на улица? Дали на Македонија и е потребна нова социјална бомба? Со евентуалното изгласување на ваков закон, директно придонесувате за нови 35.000 кандидати за иселување од државата“, дециден е Крстевски.

Македонија пред крстопат: Албанското сценарио како предупредување

Од АПИС потсетуваат на примерот со Албанија, каде премиерот Еди Рама по четиригодишна целосна забрана мораше да ги врати игрите на среќа поради енормното ширење на нелегални објекти управувани од подземјето и драматичните загуби во буџетот.

Секторот порачува дека пратениците од сите политички партии се наоѓаат пред историски крстопат. Доколку се изгласа ова решение, Македонија со сигурност ќе се врати во 90-тите години на минатиот век со „диви играчници по подруми“. Како алтернатива на популизмот, АПИС и вработените нудат итна соработка и формирање на мешовита работна група која во краток рок ќе изработи нов, одржлив закон по највисоки европски и светски стандарди.