Уште кога беше генерален секретар во СДСМ, Оливер Спасовски зборуваше за ниското ниво на професионалниот на полицијата, а велеше и дека треба да се работи за да се зголеми довербата во МВР.
Изборите во 2016 поминаа, СДСМ дојде на власт. Спасовски од технички министер стана министер за внатрешни работи, но потребни беа две години за да преземе нешто конкретно за тоа што се нарекува ветинг во МВР. Во јули 2019 Владата даде зелено светло за потребата од ветинг.
Таков закон никогаш не беше испратен во Собрание. Во август 2019 се одржа првата средба на работната група која ќе го водеше овој процес но потоа се се заборави. Претседателот на оваа група, професорот по безбедност, Никола Дујовски денеска не сакаше да коментира за тоа каде застана целата таа работа, а по телефон ни рече дека во моментов работната група е на пауза. И екс министерот за внатрешни работи, сега технички премиер, Оливер Спасовски, го впери прстот кон министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Без закон за ветинг и без Собрание кое би го изгласало сето тоа, јасно е дека до следната влада нема да има ветинг. И иако немаше никаква чистка во МВР, заменик министерот Агим Нухиу вели дека при изборот на нов кадар е ангажиран да спроведува ветинг.
„Началникот на Органот за внатрешни работи во Струга, во Дебар, Кичево, Гостивар, Карпош, Чаир и секаде каде што сме имале можност да влијаеме тоа сме го правеле врз основа на атрибутите на механизмите за ветинг, ги избравме најголемите професионалци со професионален кредибилитет, морал и кои покажале резултати во работата“, истакна Агим Нухиу.
Всушност несфатливо е каков професионален кредибилитет има кога станува збор за Струга каде за началник е именуван Дритан Ајрон кој во 2010 кога бил шеф на смена на Ќафасан, бил обвинет за криминално здружување и земање поткуп. Ова го посведочи и онлајн архивата на МВР каде излегува името на Ајрон заедно со 15 други полициски службеници вмешани во кривичното дело. Него го пречека Нухиу кога ја доби функцијата началник.
Спасовски пред неколку месеци велеше дека ветингот во МВР ќе почне од хигеничарка се до Министерот, за да се види професионалното образование на вработените, нивниот интегритет, имотната состојба и можни криминални активности во МВР.
