Уставниот суд итно да донесе одлука за законските измени со кои по трет пат беа намалени коефициентите за пресметување на платите на обвинителите. Ова го бараат од Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители, откако, како што велат повеќе од осум месеци Уставниот суд не постапува по иницијативата за уставноста на измените. Додаваат дека Уставниот суд има донесено решение за поведување постапка за оценување на уставноста на спорните законски решенија, со што, како што велат со тоа изразил сомнеж во нивната усогласеност со Уставот.
„Седница беше закажана за оваа точка на 20 септември каде што требаше да се донесе одлука по иницијативата, односно со предметот У број 71/25 меѓутоа со образложение дека потребни биле дополнителни консултации истата беше одложена за некои од наредните седници. Сега што значи тоа наредните седници не можам да ви кажам меѓутоа помина скоро година дена откако е донесена таа одлука за поведување постапка“, вели Елвин Вели.
Од јавнообвинителската фела стравуваат дека ова може да предизвика сериозен одлив на кадри и со тоа да го загрози нормалното функционирање на Обвинителството.
„Недостигот на кадар, недостигот на ресурси, опасноста од кадровско загрозување, односно напуштање на дел од вработените доведува до ситуација да се влијае на ефикасноста на постапките а со тоа и на заштита на правата на граѓаните. Ние не бараме привилегија, ние бараме институционална гаранција во делот на постапувањето. Очекуваме Уставниот суд да одлучи согласно Законот, Уставот“, вели Елвин Вели.
Од Уставен суд побаравме одговор дали ќе постапат по барањето на обвинителите, но одговор не добивме. Последен пат измените на законот за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители беа донесени кон крајот на февруари оваа година, со кои беа намалени коефициентите на пресметката на нивните плати. Ваква иницијатива имаше и за судиите за која Уставниот суд ги поништија измените на законот за плати на судиите.
