Министерството за внатрешни работи го заврши извештајот за конфискуваните мобилни телефони во случајот Монструм, а на страните вклучени во овој случај, денеска им беше дадена можност од близу да ја видат содржината на нивните мобилни телефони и во текот на периодот кога се случило петкратното убиство кај Смилковското езеро.
„Од 31 доставен мобилен телефон, анализирани се само 10. Другите 21 не можеа да се анализираат од технички причини бидејќи не беа исправни и не функционираа. Подготовката на овој извештај започна во октомври 2019 и заврши во февруари 2020“, истакна Ивана Петковска.
Меѓу мобилните телефони на кои не можеше да им се изврши анализа, бил и ајфонот на обвинетиот Фејзи Азири. Ивана Петковска од Секторот за дигитална форензика при МВР, објасни зошто не можело на сите мобилни телефони да им се изврши анализа.
„Најпрво се гледа моделот и марката на телефонот, потоа преку употреба на форензички софтвери се вадат податоците од мобилните телефони. Има случаи кога некој модел на телефон нема софтверска поддршка. Други технички нерегуларности на дел од мобилните телефони беа немањето батерија, неможност за приклучување на компјутер, нефункционална батерија и слично“, додава Ивана Петковска.
Овој тип анализа на мобилните на обвинетите се прави за прв пат, бидејќи на претходното судење не беше побарано такво нешто, истакна судијата Огнен Ставрев. Следното рочиште е закажано за 21 јануари. За петкратното убиство обвинети се Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Хазири, Хаки Хазири и Сами Љуита, а на 12 април 2012, беа убиени 4 момчиња и рибарот Борче Стефановски. Судијата Огнен Ставрев пред завршувањето на рочиштето, на страните им рече да ги подготват завршните зборови.