„Од Бугарија очекуваме помош, а не пречки“ – Изјава на Каракачанов повторно предизвика реакции во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Од нашите сојузници, вклучително и соседна Бугарија очекуваме тие да ни помогнат на нашиот пат кон Европската унија, а не да не попречуваат. Ова го изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска по изјавата на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов кој рече дека Бугарија ќе каже дека сега не е време да се закаже Меѓувладина конференција, нагласувајќи дека зборува од името на Владата.  

„Ваквите изјави не се во духот на Договорот за добрососедство, не помагаат. Ако нешто научивме во сиве овие изминати 30 турбулентни балкански години тоа е дека емоциите не се добар сојузник во решавање на билатералните прашања. Ние покажавме дека со сите наши соседи можеме да бидеме пријатели. Сега е моментот кога се гледа и се оценува колку навистина сакаме да градиме добрососедски односи. Ние нашиот тест го поминавме“, истакна Радмила Шекеринска.

Бугарскиот министер за одбрана Каракачанов во интервју за бугарската ТВ Европа изјави дека постојат многу јасни услови на Европската унија, секоја земја кандидат за членство да ги расчисти проблемите со соседите пред да ги почне преговори со Европската унија.

„Во октомври минатата година многу јасно кажавме дека ако не се почитува Договорот за пријателство меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2 август 2017 година, ќе се спротивставиме на закажувањето на првата Меѓувладина конференција. Имаа три години да се превоспитаат. Бугарија нема да се спротивстави но ќе каже дека не е време да се закаже датум за одржување на првата Меѓувладина конференција“, посочи Красимир Каракачанов.

Минатата недела германската амбасадорка Анке Холштајн говорејќи за меморандумот испратен до Европската унија изјави дека ниту Германија ниту земјите членки сметаат дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка и тие треба да се решаваат меѓу двете земји. Меѓувладината конференција треба да се одржи во декември, а вчера премиерот Зоран Заев најави дека ќе отпатува во Софија на средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.