Од денеска граѓаните кои го немаат сменето пасошот нема да можат да излегуваат од државава, поради одредбите од Преспанскиот договор, откако помина петгодишниот преоден рок предвиден за промена на документите. Во пунктовите на МВР и натаму има турканици од граѓани кои или чекаат да се фотографираат за нов документ или чекаат да ги подигнат новите.
Претседателот на СДСМ и екс премиер Димитар Ковачевски вели дека според податоците, голем дел од граѓаните над 1,2 милиони веќе ги имаат сменето пасошите. Сепак признава дека сето ова значи големо малтретирање на граѓаните.
„Би искажал жалење во однос на она што граѓаните го поминуваат, мора да се биде реален бидејќи не е едноставно да се нема патна исправа меѓутоа тоа е процес кој што ќе мора сите заедно да го изодиме. Исто така се покажа уште еднаш дека не е добро да се даваат популистички и лажни изјави, бидејќи ние бевме сведоци во текот на изминатите 4 години каде што дел политичари кажуваат немојте да ги заменувате документите бидејќи ќе го враќаме името. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата и тие не велат дека ќе го вратат името назад“, вече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат Народниот правобранител да ги заштити граѓаните од штетите предизвикани со менување на документите за што ги обвинуваат екс премиерот Ковачевски и екс министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Оливер Спасовски и Димитар Ковачевски се креаторите на хаосот со роковите на важење на личните карти и возачките дозволи со тоа што свесно ги доведе граѓаните во трошок и им нанеле материјална штета. Го повикуваме Јавното обвинителство да постапува согласно закон и да поведе постапка, но и Народниот правобранител а ги заштити граѓаните кои ги извадиле соодветните документи. Очекуваме од Јавното обвинителство и Народниот правобранител да поведат постапка против Спасовски и Ковачевски и владата во целост која ја довела целата нација во заблуда и материјален трошок.“, рече Игор Јанушев.
Вчера на итна собраниска седница беа изгласани измени на закон со кој обврската за промена на сообраќајните документи се пролонгира до крајот на годинава.
