Откако сите мобилни телефони, таблети и камери што се продаваат на пазарот на ЕУ мораа да бидат опремени со USB-C порт од крајот на 2024 година, истата обврска сега важи и за лаптопите, со што се затвора долгогодишниот обид на Брисел да го намали електронскиот отпад и да го поедностави секојдневниот живот на милиони корисници.
Оваа промена е резултат на долгогодишен политички притисок, особено од Европскиот парламент , кој повеќе од една деценија се залага за воведување на универзално решение. Бидејќи доброволните договори од страна на индустријата не ги донесоа посакуваните резултати, Европската комисија предложи законска рамка во септември 2021 година, која потоа беше формализирана преку Директивата (ЕУ) 2022/2380, со која се изменија постојните правила за пласирање на радио опрема на пазарот.
Во дебатата во Европскиот парламент, европратениците нагласија дека мерката им користи и на потрошувачите и на животната средина. Малтешкиот известувач Алекс Агиус Салиба, од групата на социјалистите и демократите, предупреди дека краткиот животен циклус на уредите генерира околу 11.000 тони е-отпад годишно само од фрлени или неискористени полначи, со милиони трошоци за нивно отстранување.
„Наједноставните решенија често се најдобри и честопати најпрактични. Едно единствено решение од ваков вид ќе ни заштеди илјадници тони е-отпад секоја година, ќе овозможи повторна употреба на стари уреди, ќе биде попогодно за потрошувачите и во исто време ќе ни помогне да ја зачуваме животната средина и милиони евра годишно“, рече тој, додавајќи дека новите правила ќе поддржат и брзо полнење и ќе остават простор за технолошки напредок, додека потрошувачите сè уште ќе можат да изберат дали сакаат да купат уред со или без полнач.
