Од денеска основните прехранбени производи ќе се продаваат без ДДВ. Сите маркети од денеска ќе издаваат фискални сметки со 0% ДДВ за леб, брашно, млеко, шеќер, масло, месо и други прехранбени производи како ориз и јајца.
Со буквата Г ќе може да се разликуваат производи кои се со 0% ДДВ, објасни заменик директорот на УЈП, Абдулселам Селами. Тој апелираше до граѓаните да ги пријават маркетите кои не ги почитуваат овие одлуки.
„Дел од фискалната сметка ќе биде со буквата Г, тие продукти кои се со 0% ДДВ. Сите маркети и сите кои продаваат вакви производи нема да имаат корист да ги продаваат со ДДВ од 5 или 18 отсто бидејќи ќе се создаде нелојална конкуренција и нивната цена ќе биде повисока отколку во другите маркети и граѓаните нема да одат таму да купат бидејќи со ДДВ цената ќе биде повисока кај нив“, вели Селами.
Електронската платформа Мој ДДВ ќе продолжи да работи за сите производи кои се со ДДВ.
Не значи дека ако одреден производ е со 0 отсто ДДВ граѓаните не можат да ја скенираат таа фискална сметка, туку тие ќе можат да скенираат и ќе можат да го вратат делот кој е со 18, 5 или 10 отсто ДДВ. Од 5% граѓаните прават поврат на само 15% од тарифата за 5% која е предвидена и не може да влијае воопшто кај граѓаните.
Инаку, оваа мерка почнува да се спроведува денеска и трае до 31 мај, но според Селам, постои можност истата да се продолжи доколку продолжи економската криза во земјава. Ова е една од 25-те други мерки, како дел од антикризниот пакет од 400 милиони евра.
