Од денеска во Скопје, Куманово, Тетово и на автопатските коридори 8 и 10 започнува казнувањето со електронскиот систем за сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. Системот ќе ги следи и казнува најчестите прекршоци, а граѓаните ќе ги добиваат известувањата преку СМС и електронска пошта.
Министерството за внатрешни работи информира дека системот ќе се прошири низ целата држава до средината на годината. Изминативе денови беа извршени тестирања во Скопје, Тетово, Куманово и Охрид, а граѓаните се повикани да ги ажурираат своите податоци на посебните шалтери во МТВ или во станиците за технички преглед.
Воведувањето на „Безбеден град“ предизвика различни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, но според МВР, целта е зголемување на безбедноста на сообраќајот.
Кои прекршоци ќе се казнуваат:
Пречекорување на брзина во населено место
Дозволена брзина: до 50 км/ч (со исклучок до 70 км/ч со соодветен знак).
Над 10 км/ч: 15 евра
10–30 км/ч над дозволеното: 50 евра
30–50 км/ч над дозволеното: 300 евра + забрана за управување 3–12 месеци
Пречекорување на брзина надвор од населено место
Дозволена брзина: 130 км/ч на автопат, 110 км/ч на пат за моторни возила, 90 км/ч на други патишта
До 30 км/ч над дозволеното: 20 евра
30–50 км/ч: 50 евра
50–70 км/ч: 300 евра + забрана 3–12 месеци
Поминување на црвено светло – 250 евра + забрана за управување 3–12 месеци
Непрописно запирање и паркирање
Казни од 25 до 180 евра, во зависност од тежината и местото на прекршокот (пешачки премини, крстосници, мостови, зелени површини, места за лица со попреченост, велосипедски патеки, тротоари, автобуски постојки итн.)
Возење со нерегистрирано возило
Казна за возење без важечка сообраќајна дозвола или без регистарски таблици: 500 евра
Ако истекот е до 30 дена: 100 евра
Плаќање во рок од 8 дена носи намалување од 50%
Забрана за управување се изрекува во половина од пропишаниот рок
