–Ваквата изјава е скоро неколку месеци, јас и понатаму ќе продолжам да ја вршам работата, рече Љупчо Коцевски, републички обвинител.
Оваа изјава постојано се слушаше, од сега веќе екс републичкиот обвинител, на прашањето дали ќе поднесе оставка, по повиците на премиерот Мицкоски и одлуката на Владата да покрене иницијатива за негово разрешување.
Но, буквално само неколку минути пред почетокот на денешната собраниска седница, на која требаше да се расправа за предлогот за неговото разрешување и да ги соочи аргументите со јавноста, односно пратенциите, Коцевски го смени мислењето.
-Поднесов неотповиклива оставка на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија, изјави Љупчо Коцевски, поранешен републички обвинител.
Иако и сега се бранеше дека работел професионално, останува нејасно зошто Коцевски не почека со одлуката и да присуствува на собраниската седница за соочување на аргументите.
Како и да е неговата оставка е констатирана, а предлогот на Владата е образложен со непрофесионализам на Коцевски, афери, неовластено изнесување на информации, крупни професионални грешки, нарушени меѓучовечки односи во Обвинителството.
Тој ќе остане запаметен и по тоа што се скара со првиот човек на Вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи, кој во меѓувреме поднесе оставка, а сето тоа поради обвинението за случајот со бонусите на СЈО.
Последниот голем случај за кој исто така има критики, е случајот „Пулс“, каде според критиките од јавноста со вака конструирано и обемно обвинение Коцевски сакал да „купи“ уште некое време на обвинителската фотелја.
Како што е познато, за овој случај формирал тим од 15 обвинители, а во истрагата, која заврши за само два месеци, според голем број на правници, пребрзо, обвинети се 35 физички и три правни лица.
–Ваквата концепција на обвинението е исклучиво, тоа најодговорно го тврдам, тоа сите што го работиме го знаеме, дека исклучиво е под притисок на јавноста. Знаеме дека етапно се вршеа апсењата, изјави Јанаки Митровски, адвокат.
–Јавното обвинителство тргнало прво така како што тргнало во овој предмет и останува впечатокот дека тие ова малку маркентиншки и популистички го направија, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокат.
-Има премногу контрадикторности во самиот обвинителен акт. Затоа што зборуваме за настан со предизвикан пожар, и вие да опфатите лица кои што апсолутно немаат пристап до тој објект во конкретниот период, кој што немаат преземено дејствије кое што го предизвикува пожарот, изјави Еленко Миланов, адвокат.
Коцевски на функцијата Јавен обвинител стапи на 13-ти февруари 2024-та година. Премиерот Мицкоски во неговите јавни настапи за разрешувањето на обвинителот, изјави дека му дале доволно време од година и половина на Коцевски да почне да работи како што треба, но сепак тој не ја искористил таа шанса.
