Од Прешево до Скопје за да ги оствари соништата, Нухиу одбиен за државјанство: Сопругата ми рече да заминеме од оваа држава

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Фитим Нухиу, од Прешево дошол во Скопје за да го оствари својот сон – да создаде семејство и да биде активен во општеството.

-Кога дојдов првпат, 2008-2009 година, имав соништа како и секој друг – да работам тука и да бидам активен во јавниот живот-рече Нухиу.

Но, иако е оженет со државјанка на Северна Македонија и има куќа, сепак Нухиу никако да добие позитивен одговор за државјанство, а уште помалку работно место.

-Во Скопје дојдов пред 10-11 години. Се оженив со жена, државјанка на Македонија, но ме одбија. По вторпат добив негативен одговор. Ми дадоа апсурден одговор – дека сум опасен за националната и државната безбедност.-изјави Нухиу.

Ветување за државјанство добил и од заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу.

-Повторно со тоа писмо отидов кај заменик-министерот. Му раскажав сѐ, и тој ми вети дека ќе се реши проблемот. Му се обратив нему, бидејќи тој ја прокламираше идејата со државјанството и помислив дека конечно најдов решение. Затоа отидов кај него-рече Фитим.

Фитим веќе изгубил надеж дека неговиот проблем ќе се реши. Поради тоа, веќе почнал да размислува да си замине од земјава.

-Да ви кажам право, кога добивме негативен одговор, сопругата ми рече – ајде да си заминеме од оваа земја. Навистина се почувствував многу лошо, затоа што таа дојде до ова дереџе-рече Нухиу.

За да дознаеме до каде е ветувањето, став побаравме и од заменик-министерот Нухиу.

-За да дознаеме зошто Фитим Нухиу е одбиен за државјанство под образложение дека е опасен за државата, закажавме средба со заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Но, иако средбата беше закажана во 11 часот, сепак тој не прифати да даде изјава под изговор дека итно бил повикан на состанок во Влада-истакна репортерот на ТВ21.

Се смета дека во Северна Македонија без државјанство има до илјада луѓе. Не се знае колкумина од нив ја делат истата судбина со Фитим, бидејќи има луѓе кои се родени и израснати тука, но сѐ уште немаат државјанство.