Од СДСМ велат Мицкоски покажа авторитарност, премиерот повтори дека трпението со обвинителите му е при крај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека доволно се чекало обвинителите да постапуваат и од понеделник власта започнува акција, СДСМ ја оквалификува како закана. Според социјалдемократите, Мицкоски покажал авторитарни тенденции.

„Нивната стратегија е јасна: со уцени, закани и апсења, сакаат да воспостават правосудство што ќе служи исклучиво на партиските интереси на оваа влада. Тоа е недозволиво и мора да биде осудено од целата демократска јавност“, вели Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

Мицкоски претходно кажа дека обвинителите имале здравствени тегоби во моментот кога требало да носат одлуки против моќници.

„Ако се однесува на тој еден случај, тоа беше пред некаде околу дваесетина дена, кога предметниот обвинител имаше вирус и не можеше да дојде на закажаниот состанок и истиот се одложи за три-четири-пет дена“,изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител.

„Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител доби шанса и прилика како никој претходник негов, кој еве петти шести месец веќе, иако ние имаме комотно мнозинство кога сакаме да го разрешиме од таа позиција, ние не сме како тоа што го правеше СДСМ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Премиерот повтори дека трпението е при крај, бидејќи криминалци уживале на слобода. Тој додаде дека сепак власта немало да правиме циркус и естрада , нема да влегува во домови на опозиционери со специјални единици и да апси пред очите на децата, туку ќе се однесува демохристијански, според вредностите на ВМРО-ДПМНЕ.