Колона автомобили го испратија до неговото вечно почивалиште пратеникот Амди Бајрам.
На гробишта отидоа блиските и тие што го познаваа за да му кажат последно збогум.
Амди Бајрам почина вчера на 64 години како последица од здравствени компликации истакна министерот за здравство Венко Филипче во текот на вчерашниот ден.
По неколку часа, МЗ излезе со соопштение дека тестот за Ковид-19 кој му бил направен на пратеникот Амди Бајрам пост- мортум, испаднал позитивен.
„Министерството за здравство информира дека откако покојниот Амди Бајрам излезе позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје – Скопје ги презема сите мерки за заштита и превенција од понатамошно ширење на заразата во и надвор неговото семејство и на сите тие кои во минатото имале интензивни и блиски контакти со починатиот“, истакнаа од Министерството за здравство.
ТВ21 денеска контактираше со семејството на починатиот. Во телефонски разговор, тие рекоа дека Амди починал од мозочен удар а не од корона вирус. Неговиот син, Габриел Бајрам на Фејсбук побара од учесниците на погребот да ги почитуваат анти – ковид мерките.
„Согласно препораките Ве молам сите кои ќе бидат дел од поворката да држат соодветна социјална дистанца и задолжително да носат маски. Со почитувањето на овие препораки ќе покажеме почит кон нашиот великан и татко“, вели Габриел Бајрам.
Екс пратеникот организираше свадба за неговата внука, во Турциа пред неколку дена поради забраната за свадби и прослави во нашата земја.
Затоа, епидемиолозите ќе ги бараат контактите на оние кои присуствувале на свадбата. Зависно од опасноста за инфекција, ќе се одреди кој ќе се тестира.
