Возел иако имал забрана, излетал од патот и одбил алкотест – приведен кичевец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Триесет и двегодишен кичевец е приведен откако, и покрај активната забрана за управување со возило, седнал зад волан и предизвикал сообраќајна незгода.

Од ОВР Кичево информираат дека денеска, 9 септември, во 03:10 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Д.С. (32) од Кичево поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

Според информациите од полицијата, Д.С. управувал автомобил „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки. На кружен тек на улицата „Борис Кидрич“ тој удрил во бетонски рабник, по што возилото излетало од патот.

При преземањето мерки по сообраќајната незгода било утврдено дека 32-годишникот го управувал возилото иако имал активна забрана за управување со моторно возило од Б категорија.

Дополнително, тој одбил да му биде извршен алкотест. По наредба на јавен обвинител, возилото е одземено.

Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот против Д.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.