Од среда се намалува полицискиот час – бројот на заразени се намалува, кафулињата да работат до 22:30 часот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Од среда полицискиот час да почне од 23 часот и да трае до 05 наутро, а кафулињата да работат до 22:30 часот. Овој предлог излезе од денешната седница на Главниот координативен кризен штаб, од каде сметаат дека мерките треба да се олабават.

„Главниот координативен кризен штаб го поддржа предлогот за измена на времетрањето на забраната за движење и на денешната седница ги разгледуваше предлозите кои ги дадовме. забраната и посебниот режим на движење да почнува од 23:00 часот до 05:00 часот наредниот ден; време за работа на угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел) да биде до 22:30 часот“, вели Венко Филипче.

Причината за олабавување на мерките според Главниот координативен кризен штаб е подобрување на епидемиолошката состојба со Ковид-19, намалување на бројот на новозаразени и на активни случаи.

„Предлог мерките истакнати од Министерството за здравство ќе бидат разгледани на следната владина седница, односно утре и доколку бидат усвоени ќе важат од 5 мај 2021 година“, посочуваат од Владата.

Се очекува утре Владата да го усвои овој предлог и да стапи на сила веќе следниот ден. Инаку, моментално ограничувањето на движењето во нашата земја почнува од 21 часот, а угостителските објекти работат до 20:30 часот.