Од вторник министерствата на протест – штрајкува правобранителството, Владата и синдикатите во судир со платите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Втор ден штрајк во Државното правобранителство, а од вторник на протести излегуваат околу 4.000 вработени во министерствата и други институции во јавниот сектор. Бараат потпишување на колективните договори со кои ќе добијат додаток на плата од 30%.

„На 14.01 започнуваат протести вработените во неколку министерства и одредени институции и ќе започнеме протест пред зградата на Нова Македонија, каде што имаме три министерства. На 14 јануари со почеток во 11 часот. Протестите ќе траат половина час секој ден и ќе се договараме понатаму како ќе се одвиваат овие протести, дали ќе ги продолжуваме, дали ќе ги зголемуваме“, вели Трпе Деаноски.

Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) апелираат до Владата да седнат и да се договорат, за да нема дополнителен одлив на вработени од јавниот сектор. Велат само тие се изземени од покачувањата изминатите години. Основната плата на овие работни места, со високо образование е 26.000 денари.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска пак во емисијата Бизнис 21 кажа дека министрите не обезбедиле пари во нивните буџети за зголемување на платите. Тоа го направиле само Владата и СОЗР кои добија покачување од 30%.

„Ако имало министерството обезбедено средства, тогаш може да дојде да побара и каже еве ги обезбедив средствата, имам средства дај ми покачување. Меѓутоа ако ги немаат обезбедено средствата од каде јас да им најдам средства. Јас им давам лимити, пак ќе кажам. Ако на министерот му бил приоритет вработениот, тогаш ќе скрати на стоки и услуги, не знам на што ќе скрати во другиот дел за да си обезбеди за плати“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.

Според УПОЗ од вторник на протести излегуваат вработените во министерство за култура, животна средина, земјоделство, локална самоуправа, дигитална трансформација, јавна администрација, економија и труд, Државен завод за статистика, Државен Архив и други институции. Протестите ќе траат се до исполнување на нивните барања.