Одбележана 35-годишнина од независноста на Украина – едноминутен молк и почит на загинатите во руската агресија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со едноминутно молчење и оддавање почит кон загинатите се одржа посебната сесија на Интерпартиската парламентарна група посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина. Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски рече дека Македонија јасно и принципиелно ја поддржува Украина, нејзината  независност и територијалниот интегритет.

„Македонија е солидарна со украинскиот народ, го сметаме украинскиот народ за братски народ, но исто така го сметаме украинскиот народ за нераскинлив дел од мозаикот на европските народи. Нашата поддршка не е само политичка, таа е пред се човечка и поддршката не е само дипломатска таа е и материјална и морална“, вели Антонио Милошовски.

Украинската амбасадорка Лариса Дир посочи дека независноста и слободата за Украинците од секогаш биле темелни вредности што ги поттикнувале на борба и им давале сила да го зачуваат својот идентитет во времињата без сопствена држава.

„За време на воената агресија на РФ (Руската Федерација) против Украина сила ни дава поддршката од нашите земји партнери кои и обезбедуваат на Украина воена, финансиска, хуманитарна помош како и поддршка во создавањето и функционирањето на Специјалниот трибунал за кривичното дело агресија на РФ против Украина“, вели Лариса Дир.

Кога една држава ќе биде нападната  првото прашање што треба да си го поставиме не е дали сме доволно блиску до неа, туку дали сме подготвени да застанеме зад принципите врз кои се темели меѓународниот поредок. Ова во своето излагање го истакна Оливер Спасовски од СДСМ.

„Тука се наметнува и прашањето дали во Европа во 21 век може со сила да се менуваат границите, да се одзема територија на суверена држава и тоа да се претставува како нова реалност. Одговорот на ова прашање го имаме во основните принципи на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора да се почитуваат“, вели Оливер Спасовски.

Македонското собрание на 3 март 2022 година ја усвои Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, со која јасно беше осудена воената агресија и нападите врз Украина, а руската агресија ја осуди како неоправдан чин и еклатантно кршење на меѓународното право кој го загрозува мирот на Европа.