Австрија и Северна Македонија негуваат долгорочно економско партнерство. Деловната мисија фокусирана на транспортната и енергетската инфраструктура, организирана од Трговското одделение при Амбасадата на Австрија во Скопје на 15 и 16 септември 2026 година се надоврза на оваа блиска соработка. Десет австриски компании остварија средби со македонски партнери, институции и клучни носители на одлуки од политичкиот и деловниот сектор, со цел да ги истражат заедничките перспективи и конкретните можности за соработка.
Фокусот не беше само на поединечни деловни можности, туку пред сè на воспоставување долгорочни и сигурни партнерства. Австриските компании придонесоа со својата експертиза во области како што се: производство на енергија, железничка и транспортна инфраструктура, инженерство, градежно советување, паметни технологии и одржлива мобилност. Разговорите со македонските партнери беа насочени кон тоа како ова знаење и искуство („know-how“) може да се комбинира со локалните капацитети и развојните цели на земјата.
Австриско-македонската деловна тркалезна маса во Скопје обезбеди особено вредна платформа за овие разговори. Меѓу учесниците беа заменик-премиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, градоначалникот на Скопје и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски, како и заменик-директорот на националното претпријатие за железничка инфраструктура Шериф Абдулахи.
Отворениот и конструктивен дијалог го истакна значајниот потенцијал за уште поблиска соработка. Австриската технологија и искуството во реализација на проекти можат да придонесат кон модерни, безбедни и одржливи инфраструктурни решенија. Истовремено, експертизата, познавањето на пазарот и капацитетите на македонските компании претставуваат клучна основа за успешна реализација на заеднички иницијативи кои носат трајни придобивки за земјата.
Со тоа, деловната мисија испрати јасен сигнал за доверба и пријателство меѓу двете нации. Таа овозможи воспоставување нови контакти, продлабочување на постоечките односи и поставување темели за соработка што поттикнува иновации, одржлив развој и создавање економска вредност во Северна Македонија. Австрија се гледа себеси како сигурен партнер кој дејствува на рамноправна основа, споделувајќи ја заедничката цел за претворање на можностите во конкретни проекти и долгорочен успех.
