Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во работна посета на САД, денеска во Вашингтон оствари средби со конгресменката Клаудија Тени и конгресменот Кит Селф.
На средбата со Тени, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД, Мицкоски разговарал за односите меѓу Македонија и САД, како и за значењето на парламентарната соработка и размената на искуства меѓу двете земји.
Премиерот на Фејсбук напиша дека унапредувањето на партнерството, почитувањето на заедничките вредности и градењето стабилни односи се важен темел за идната соработка.
Мицкоски се сретнал и со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.
На средбата, како што објави Мицкоски, биле разгледани значењето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, заедничките интереси и можностите за продлабочување на соработката во области од заемен интерес.
Во рамки на посетата на САД, Мицкоски ќе отпатува и во Њујорк, каде што ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации.
На маргините на собранието, според најавите на премиерот, се планирани повеќе билатерални средби, особено со земји од соседството и од Заливот. Мицкоски изјави и дека засега нема планирана средба со бугарската делегација.
