Голем наплив на пациенти на детскиот оддел во Струга. Само на новогодишната ноќ на преглед биле примени околу 500 деца. Напливот продолжил и потоа, за Божик, со над 100 прегледи на ден. Децата главно се со вирусни инфекции, проблеми со дишењето и настинка.
Како што е веќе познато, во Струга има само 5 педијатри специјалисти кои ги лекуваат децата од целиот регион на Охрид, Струга, Дебар и Преспа. Детскиот оддел во Охрид повеќе од една година работи само како дневна клиника поради недостигот од педијатри. Лекарите од Струга се жалат дека се преоптоварени со работа, а од друга страна родителите се жалат дека патуваат до Струга и чекаат за преглед. Бараат надлежните да најдат решение.
Последното соопштение од МЗ е дека решавањето на проблемот е во тек и дека наскоро во болницата во Охрид ќе почнат со работа 2 лекари педијатри.
