Одложено судењето за случајот со Државната лотарија, следните рочишта во септември

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основниот кривичен суд Скопје денеска го одложи главното рочиште во предметот за сомнителни злоупотреби во АД „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, заедно со уште седум лица.

Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека одложувањето е неопходно за обвинетите и нивните бранители да имаат доволно време да ги разгледаат доставените докази, да се запознаат со нивната содржина, да ја подготват одбраната и да достават листа на докази за кои предлагаат да бидат изведени во текот на постапката.

„Судот оцени дека обвинетите и нивните бранители треба да имаат потребно време за разгледување на доказите и за ефикасна подготовка на одбраната, земајќи го предвид и барањето на бранителот на обвинетиот Бојан Јанев за рок за подготовка. Од тие причини, главната расправа се одложува“, изјави судијката.

Следните рочишта се закажани за 7, 11, 16, 18, 23 и 30 септември, како и за 2, 8, 9, 15, 16, 20 и 21 октомври.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинителите најавија изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сведочења на седум сведоци.

Според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица во текот на 2023 и 2024 година, со пречекорување на службените овластувања, ѝ предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од над 507 милиони денари.

Сите обвинети се товарат за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, сè уште е недостапен за органите на прогонот, а по неговото пронаоѓање обвинителството бара да му биде определена мерка притвор.

За Артан Груби, пак, Обвинителството бара продолжување на мерката куќен притвор. Тој беше уапсен во февруари годинава на граничниот премин „Блаце“, откако повеќе од 14 месеци беше недостапен за органите на прогонот. Наместо ефективен притвор, поради безбедносни причини му беше определен куќен притвор.