Во Грција веќе трет ден по ред се регистрирани над 1.000 нови случаи на коронавирусот, а во изминатите 24 часа бројката е помала од вчера, односно 1.211 новозаразени, а починаа уште 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Половина од случаите, повторно се во областа Атика (335) и во Солун (275).
Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас и официјално го соопшти она што претпладнево го најави грчкиот премиер дека градовите Солун, Лариса и Родопи од северниот дел на земјата влегуваат во црвената фаза, што значи дека се затвораат кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите, односно од утре наутро се воведува мини карантин.
Отворени ќе бидат продавниците и училиштата.
Хардаљас рече дека одлуката трите градови од портокалова да преминат во црвена (зголемена опасност) е базирана на податоците и ситуацијата од изминатите денови.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на почетокот од денешната владина седница откри дека утре ќе соопшти, нови мерки, односно како што рече „нов акционен план во траење од еден месец“ и уште еднаш повтори дека намерата е да се избегне целосен карантин.
Од почетокот на епидемијата во Грција се регистрирани 35.510 случаи, а починаа 615 лица.
