И покрај тоа што не е постигнат напредок во борбата против корупцијата, постигнат е ограничен напредок во областа на јавните набавки, се вели во извештајот на ЕК, меѓутоа, фактот за директно доделување на договорот за изградба на Коридорот 8 и 10-Д останува загрижувачки. Според извештајот, властите треба да спроведат поефикасни антикорупциски мерки во јавните набавки.
За тоа што воопшто нема напредок во борбата против корупцијата, Владата мора да преземе одговорност, вели шефицата на антикорупциската комисија Билјана Ивановска. Според неа, треба да се понесе одговорност и за неисполнување на препораките на Антикорупциската комисија како тело за спречување на корупцијата.
Инаку за извештајот на ЕК имаше низа реакции. Опозицијата и власта и натаму си ја префрлаат вината за слабите резултати. Опозицијата обвинува за криминално владеење а власта ја обвинува опозицијата за блокади на патот кон ЕУ поради неподдржувањето на уставните измени о блокадата на Собранието.