Ако почетокот беше слаб, Охрид во моментов полн со туристи. Во екот на туристичката сезона се бара место повеќе. Шпицот се очекува во периодот околу 2 август кога е најавена богата културно-уметничка програма и гостувања на естрадни ѕвезди од светот и регионот. Од Асоцијацијата на хотелиери задоволни – велат пополнети се сите капацитети. Очекувањата се дека и покрај лошиот старт на сезоната бројките по број на ноќевања и остварен промет ќе бидат како и како и минатата година.
„Сите капацитети се максимално исполнети. Значи недела дена пред 2 август и некои две недели до три недели после втори август е највисоката сезона и моментално се исполнуваат и тие приватни капацитети кои што се останати уште неколку места. Сето тоа се должи на многу збиднувања во исти период. Од празник Илинден до многу разни концерти кои се одвиваат во исти период и Охридско лето“, вели Крсте Блажески.
Соба во хотел со 4 ѕвезди со појадок во Охрид чини од 30 до 50 евра. Иако туристите, особено домашните, реагираат на високите цени во Охрид, Блажески вели, реакциите се помали од лани, а има и избор.
„Минатата година имавме повеќе реакции, оваа година мислам дека нема такви реакции дека сме скапи туку едноставно се бара едно место повеќе. Реакција на цените во градот секогаш имало и ќе има. Но во градот има многу избор, така да не мора да биде едно атрактивно место кое ги има подигнато цените и сепак е полно, значи има и други места кои се исто така се атрактивни како него, но со пониски цени“, порача Крсте Блажески.
Дека расте бројот на туристи во земјава потврдува и статистиката. Од јануари до мај вкупниот број на туристи е зголемен за 16,3 отсто. Сме имале над 130.000 туристи, од кои 22,4 отсто биле домашни, а 77,6 проценти странски. Во мај биле евидентирани над 231.000 ноќевања – најмногу над 71 процент од странски туристи. Најголема посетеност има на Скопје и Охрид. А најбројни биле гостите од Турција, на второ место од Германија, а трети по бројност биле Србите.
За 20% зголемен е и бројот на патници на охридскиот аеродром.
