ОЈО ги истражува модуларните болници, Заев вели дека нема информации дали се пуштени без технички прием

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Има ли пропусти при предавањето во употреба на модуларните болници, односно дали се тие пуштени во употреба без претходно извршен технички прием? Неофицијално се тврди дека модуларната болница во Тетово, но исто така и во Велес немала технички прием за да бидат пуштени во работа. Обвинителката Вилма Рускоска уште веднаш по избувнувањето на страотниот пожар ја побара целосната документација за набавката на монтажните болници и ова е сосема одделна истрага од онаа што ја вршат обвинителите за причините за избувнување на пожарот. Обвинителство бара информации и од лицето кое било одговорно во изградбата на болниците и е побарано дали е вршен технички прием и кој го извршил. Побаравме одговор од Обвинителство дали е веќе отворен случај и до каде е истрагата.

„Дејствијата што во моментов ги презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се дел од предистражна постапка и се со цел да се испита евентуално постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело . Врз основа на резултатите што ќе произлезат од истата, јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката, односно дали ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка или ќе ја затвори предистражната постапка, за што јавноста ќе биде навремено информирана.“, велат од Јавното обвинителство.

Премиерот Зоран Заев вели дека немал информации во врска со надзорот на изградбата на монтажните болници.

„Примопредавањето е јасно опишано во закон на ваквите објекти, не би навлегувал детално, сигурен сум дека институциите ќе ви ги дадат сите информации заради тоа што целиот проект беше предводен и воден од Светска банка, учествуваа во него труд и социјала и Министерството за здравство и е спроведен онака како што е замислено по сите прописи. Сите аспекти треба истрагата да ги покаже, изведувач, надзор…..немам информација јас.“, рече Заев.

А, во извршувањето на проектот за модуларните болници беше ангажирана фирмата „Брако“, која е во сопственост на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.