ОЈО Скопје отвори предмет по допрен глас за тврдењата на Жан Митрев за притисок од Заев и Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет по допрен глас за тврдењата на Жан Митрев за притисок од екс премиерот Зоран Заев и екс министерот и сегашен лидер на СДСМ, Венко Филипче.

„Основното јавно обвинителство Скопје постапува и веќе презема дејствија на проверки во предметот оформен по допрен глас на 21.01.2026 година од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по однос на јавно изнесените наводи од лицето Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника „Жан Митрев“ – Скопје, а кои се однесуваат на тоа дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да им ги продаде неговите сопственички удели во клиниката. Во предметот се вршат проверки со цел да се испита евентуално постоење на елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“, велат од ОЈО.

Пред неколку дена, познатиот кардиохгирург и сопственик на болница д-р Жан Митрев во емисија на телевизија Алфа истакна дека екс премиерот Заев и екс-министерот за здравство Филипче во периодот на ковид-пандемијата, барале начин како да дојдат до сопствеништвото на приватната болница.

„Јас викам, добро, тоа се е во ред. Но имам, покрај тоа што е блокирана болницата, имам и забрана да продавам удели. И тогаш настана мала забуна, после точно не знам колку време, дали недела дена, дојде ново решение од обвинителство, можеби е чудно, но дојде ново решение од обвинителство, болницата е блокирана, мојата сметка лична е блокирана, а се ослободува болницата и може да се продаваат удели“, изјави Жан Митрев.

Инаку, Филипче ги отфрли обвинувањата и најави дека ќе поднесе тужба против Митрев поради, како што наведе, невистинити и штетни тврдења.