Албанскиот премиер Еди Рама повторно испрати порака за потребата од политички дијалог, овојпат на необичен начин – поставувајќи ја поканата на бетонските клупи пред неговата канцеларија.
Рама порача дека е подготвен да разговара со секој што верува дека преку дијалог, размена на мислења и соочување на различни ставови може да се придонесе за подобра Албанија. Тој нагласи дека политичките разлики не треба да бидат пречка за разговорите.
„Повторно, и повторно, и повторно, повикот за дијалог и подготвеноста да се биде со секој што бара и верува во дијалог е тука. Подготвен сум да разговарам насекаде, на кое било место, во кое било време, со оние кои веруваат дека Албанија мора да стане подобра и дека Албанија станува подобра со човечност, со размена и соочување на мислења, без разлика колку се спротивставени“, изјави Рама, пренесува „Албаниан пост“.
Со оваа порака, албанскиот премиер уште еднаш ја истакна својата подготвеност за разговори со политичките актери кои сметаат дека дијалогот е начин за надминување на разликите и подобрување на состојбите во земјата.
