OpenAI лансира ChatGPT за тинејџери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

OpenAI лансира верзија на ChatGPT наменета за тинејџери, првата генерација која расте со вештачката интелигенција и која веќе ја користи за училишни задачи, прашања поврзани со секојдневниот живот, па дури и за дружење.

Компанијата со седиште во Сан Франциско соопшти дека ChatGPT за адолесценти, кој ќе биде лансиран во вторник, е приспособен за деца на возраст од 13 до 17 години, со посилни заштитни мерки, вклучително и ограничувања за содржини поврзани со теми како самоубиство, самоповредување и романтични или сексуални разговори.

Верзијата нуди и поддршка за домашни задачи и учење, дизајнирана да им помогне на учениците да учат, наместо директно да им ги дава одговорите или да им ги пишува училишните есеи.

Од компанијата велат дека целта е адолесцентите да се насочат кон здраво користење на вештачката интелигенција, во средина соодветна за нивната возраст.

„Сакаме да ги третираме адолесцентите како адолесценти, што значи дека треба да се осигуриме дека се приспособуваме на соодветната фаза од нивниот развој, без да разговараме со нив на потценувачки начин и без да ги третираме како деца, но истовремено да се погрижиме да не бидат изложени на материјали што не треба да ги гледаат“, изјави Ен О’Лири, потпретседателка за глобални политики во OpenAI.

Родителите со поврзани сметки со сметката на адолесцентот можат да постават „периоди на тишина“, во кои адолесцентот нема да може да го користи ChatGPT, а можат да добиваат и безбедносни известувања во ограничени ситуации со висок ризик, како можност корисникот да се самоповреди.

Родителите, наставниците и експертите за детски развој изразија загриженост поради користењето на чет-ботови со вештачка интелигенција од страна на децата. Тие се обвинети дека го олеснуваат препишувањето при изработката на училишните задачи, па дури и дека се поврзани со случаи на самоубиства.

Додека и возрасните можат да подлегнат на тенденцијата да ја третираат вештачката интелигенција како човек и да создадат нездрави односи со неа, мозокот на адолесцентите сè уште не е целосно развиен, поради што тие можат да бидат особено ранливи.

Во САД, повеќе од 70 отсто од адолесцентите користат чет-ботови со вештачка интелигенција за дружење, а половина од нив редовно користат виртуелни придружници со вештачка интелигенција, покажува студија од 2025 година на Common Sense Media, организација која го истражува и промовира разумното користење на дигиталните медиуми.