Општина Центар урива тениски терени на Водно, цел комплект е изграден без дозвола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Офанзивата на Општина Центар руши уште еден нелегално изграден објект. За комплексот кој се наоѓаат на улицата Славејко Арсов на Водно, беше издадено решение за уривање бидејќи уште пред неколку години целиот комплекс е подигнат без дозвола.

„Како што велат од Општина Центар станува збор за комплекс на тениски клуб, во кој покрај терените изградени без дозвола се и кафуле и санитарни јазли“, јави репотерката на ТВ21.

Сопствeникот во предвидениот рок не постапил сам, па токму поради тоа општината превзеде акција за уривање, а трошокот ќе го сноси инвеститорот. Станува збор за поголем објект, па затоа уривањето ќе трае неколку дена.

„Секторот за инспекциски работи отстранува еден ресторан со санитарен јазол и шанк на ул. Славејко Арсов на Водно. Апелирам уште еднаш, инвеститорите и сопствениците на нелегалните објекти да постапуваат по издадените решенија, во спротивно Општина Центар ќе ги отстрани, а трошокот ќе падне на грб на инвеститорите односно сопствениците на објектите.“, вели Богдановиќ.

Неодамна Општина Центар започна голема инспекциска акција со која ќе бидат отстранети вкупно 18 нелегално изградени објекти на територијата на општината. Досега со градежна механизација беа отстранети неколку нелегално изградени објекти на територијата на општината. Станува збор за пет привремени објекти, четири киосци и две трафики. Инспекцијата срушила и две гаражи во населбата Дебар Маало, кои не поседувале соодветни решенија за поставување.Акцијата започна минатата недела, со отстранување на два нелегално изградени објекти на Водњанска.