Оптимизам за преговори во декември – Заев: Прашањата меѓу Скопје и Софија не треба да станат камен на сопнување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ветувачки изјави од функционерите дека и покрај бугарскиот меморандум, во декември може да се одржи првата меѓувладина конференција меѓу РСМ и ЕУ, со што би се означело и официјалниот почеток на преговорите за членство.

Таква сигнали изгледа добил и премиерот, Зоран Заев од Брисел. Тој се надева на позитивен епилог за предлог преговарачката рамка во Советот за општи работи на 10 ноември, со што може да се очекува и одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и ЕУ.

Меѓу овие партнери за кои зборува Заев може да биде и Германија, која веќе претседава со Унијата. Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир рече дека со германското претседавање се најавува дека пред Нова Година ќе се одржи првата меѓувладина конференција.

Гир не кажа дали освен Бугарија и други земји имаат забелешка за предлог рамката за почеток на преговорите со Северна Македонија.

Премиерот во својот говор во присуство на амбасадорот рече дека што се однесува до нас, нема да се дозволи ново пролонгирање на европскиот пат. Заев очекува пред 10 ноември, односно пред одржувањето на Самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес, да се сретне со неговиот бугарски колега Бојко Борисов. Тема на дискусијата ќе биде и Гоце Делчев и периодот кога живеел тој.

Гоце Делчев е македонски револуционер, рече Заев, додавајќи дека и Бугарија го смета за бугарски револуционер. Премиерот бара историските ликови да се земаат како основа за создавање на силно пријателство.

На нивниот прв состанок, Заев и Гир, разговарале и за реформите за кои евроамбасадорот рече дека треба да се направат во сите области, особено во областа на владеење на правото, како клучен кластер за преговорите според новата преговарачка методологија. Што се однесува до соочувањето со пандемијата, Гир рече дека ќе продолжат да и помагаат на Северна Македонија во здравствениот сектор но и во економијата.