Посетата на Москва и двете страни ја држена во тајност, до првата објава на унгарскиот премиер на друштвените мрежи.
„Мировната мисија продолжува. Втора станица – Москва“, напиша Орбан.
„Морам да заклучам дека бројот на земји кои можат да разговараат со двете завојувани страни се намалува. Унгарија полека станува единствената земја во Европа која може да зборува со сите. Би сакал да ја запознаам вашата перспектива за некои прашања кои се важни за Европа“, вели Орбан.
„Зборуваме за целосно повлекување на сите украински трупи од Народната република Доњецк и Луганск, од регионите Запорожје и Керсон. Постојат и други услови, но сето тоа е предмет за детално разгледување при можна заедничка работа.“, вели Путин.
А тие други услови опфаќаат прифаќање на Крим како руска територија, откажување од намерата Украина да стане дел од НАТО, како и денацификација на Украина.
Во понеделникот Унгарија го презеде претседавањето со Европската унија, вторникот Орбан се сретна со украинскиот претседател во Киев, а вчера беше во Москва. Посетата предизвика остри реакции од европските лидери.
„Европскиот совет во надворешната политика го претставува советот од г-дин Мишел и наскоро од г. Коста. Тоа се правилата што ги имаме и затоа унгарското претседателство со советот не е причината за оваа посета, туку активности како унгарски премиер“, кажа германскиот канцелар Шолц.
„Ротационото претседателство нема мандат да се бави со Русија во име на Европската унија. Европскиот совет е категоричен: Русија е агресор, Украина е жртва. Ниту една дискусија за Украина не може да биде без Украина.“, напипа Шарл Мишел.
„Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја посети Москва. Политиките на смирување нема да го сопрат Путин. Само единството и решителноста ќе го отворат патот кон сеопфатен, праведен и траен мир во Украина.“, е ставот на Урсула фон дер Лајен.
Унгарија одби да испрати оружје во Украина и ги критикуваше санкциите на Европската унија против Русија. Постапките на Орбан доаѓаат неколку дена пред состанокот на НАТО во Вашингтон.
