Никој од четворицата обвинети не чувствува вина дека на 27-ми април токму тие организирале да нема мирно приморедавање на власта. Обвинителката Вилма Русковска вели дека организацијата била како мозаик, а Груевски пак кој често сакал да се соочува на избори, кукавички избегнал соочување со правдата.
„Обвинителството ќе докаже, дека обвинетите кои седат во оваа судница изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство да спречат мирно примопредавање на власта како резултат на што се сличи настанот на 17-април 2017 година, познато како крвавиот четврток“, истакна Вилма Рускоска.
Од Будимпешта се јави и Груевски преку Фејсбук. Рече дека никогаш не избегал туку дека само нашол засолниште од политичкиот прогон.
„Никогаш не сум избегал од соочување со правдата. До последен ден одев на судските рочишта и за тие кои одблиску и непристрасно го следеа процесот покажав и докажав дека ме судат без вина во очигледен политички прогон со политички монтиран процес и дека судот, исто како и обвинителството, е ставен во политички цели и работи со политички мотиви и инструкции. Затоа кога веќе завршија и се исцрпеа сите можни начини за докажување на вистината, соочен со неправдата и пораките за линч кои ги добивав, одлучив да заминам од земјата и времено да се засолнам од налетот на политичкиот прогон врз мене“, додаде Никола Груевски.
Адвокатот кој го застапува поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски вели дека обвинението не е поткрепено со никакви докази и дека личи на „осуда на патриотите од 1948 година кога биле осудувани патриотите кои се бореле за независна Македонија“.
„Начинот на кој се води ова судење и начинот на постапување на обвинителството е во најдобрите традиции од 1948 година, кога врз основа на измислени сведоци, беа осудувани голем број патриоти кои се бореа за независна Македонија“, посочи Јордан Апостолски.
Адвокатот Еленко Миланов, пак, вели дека обвинението не се темели на никакви докази.
„Во конкретниот случај и од воведниот говор на самото обвинителство, не можевме да видиме посочување на ниту еден доказ. Не постои порака или организирање од Спиро и Миле на било кого. Не постои организиран превоз за тој ден, ниту доказ за такво нешто, а не може постапувањето по деловникот на Трајко Вељаноски да биде карактеризирано како тероризам“, вели Еленко Миланов.
Наредното судење е закажано за 9-ти март, кога обвинетите ќе го дадат својот воведен говор.
За сведоци ќе бидат повикани техничкиот премиер Оливер Спасовски, но и Михалил Младеновски, кој беше обвинет за првиот дел од предметот, а потоа и амнестиран. Тој за време на неговиот распит при судењето го посочи Владимир Атанасовски како еден од нарачателите.
