Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека за време на вчерашното силно невреме биле измерени исклучително високи удари на ветер, кои на одредени локации се доближиле до историските рекордни вредности. Според податоците од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, на повеќе места во земјава биле регистрирани оркански удари со брзина поголема од 130 километри на час.
Од УХМР информираат дека од вкупно 47 мерни места за ветер, на 12 бил регистриран олуен ветер со брзина од 62 до 88 километри на час, на шест мерни места е измерена силна олуја со брзина од 88 до 102 километри на час, на едно мерно место бил регистриран ветер од 102 до 117 километри на час, додека на три автоматски метеоролошки станици бил измерен оркански ветер со брзина поголема од 118 километри на час. На останатите мерни места ветерот бил со брзина под 62 километри на час.
Според класификацијата за јачина на ветер, оркански ветер е оној што надминува 118 километри на час. Од УХМР посочуваат дека станува збор за исклучително редок и екстремен метеоролошки феномен за нашето подрачје, кој може да предизвика сериозни разорувања и големи материјални штети.
Најсилен удар на ветерот бил измерен на автоматската метеоролошка станица во Штип, каде во 17 часот е регистрирана брзина од 134 километри на час. Во Скопје, во 16:10 часот, бил измерен удар од 130 километри на час, додека идентична брзина од 130 километри на час е регистрирана и во Ново Село кај Струмица во 17:50 часот.
Од УХМР нагласуваат дека следењето на ветерот се врши со специјализирани мерни сензори и според стандардизирани процедури, што овозможува континуирано и прецизно следење на атмосферските услови и навремено евидентирање на екстремните временски појави.
