Оштетена Ортопедијата во Клиничката болница – Штип по невремето: Пациентите со скршеници се пренасочуваат во други болници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Клиничката болница – Штип ги извести сите болници и здравствени домови од Источниот регион во наредните денови да не ги упатуваат пациентите со скршеници на Одделението за ортопедија, поради сериозните оштетувања што ги предизвика силното невреме.

Од болницата соопштија дека елементарната непогода нанела значителна штета на Одделот за ортопедија и на ортопедската операциона сала, поради што во моментот не може да се обезбеди соодветен третман за пациентите.

„Ве замолуваме во текот на следните денови, до санирање на штетата, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничката болница – Штип, бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Пациентите треба да се препраќаат во други здравствени центри каде ќе им биде обезбедена соодветна здравствена грижа“, наведуваат од болницата.

Невремето, проследено со оркански ветер кој, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, достигнал брзина од 134 километри на час, предизвика уривање на дел од кровната конструкција на Клиничката болница – Штип, при што беше оштетен дел од објектот.

Заменик-директорката на болницата, Билјана Ефтимова, информираше дека меѓу 15 и 20 пациенти кои биле хоспитализирани на Ортопедија се префрлени на други одделенија во рамки на болницата за да продолжат со лекувањето.

Таа посочи дека утринава на терен излегле проценители кои вршат увид на оштетувањата со цел што побрзо да се утврди обемот на штетата и да започне санацијата на кровната конструкција, по што Одделението за ортопедија ќе може повторно да биде ставено во функција.