Османи до Македонците во Албанија: Слободно изразете ја вашата етничка припадност на пописот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ги повикувам Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата волја и да ја потврдите вашата етничка јазична и идентитетска припадност. Со овие зборови министерот за надворешни работи Бујар Османи преку видео снимка им се обрати на  Македонците во Албанија каде се спроведува пописот на населението.

„Ви се обраќам затоа што сакам да бидете уверени дека овој попис овозможува слободно да ја изразите вашата етничка, јазична и религиска припадност. Со оваа демократска придобивка Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, нешто што, исто како и кај нас, претставува непроценливо автентично културно наследство. Драги Македонци препознавајќи ја вашата улога како лојални граѓани на Албанија ве охрабрувам на претстојниот попис слободно да се изразите и да ја потврдите вашата етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност“, порача Бујар Османи.

Но токму за пописот во Албанија вчера претседателот на фондацијата „Македонија“ Виктор Стојанов упати закана до жителите на Пустец дека доколку не се пишат како Бугари ќе им бидат одземени бугарските пасоши. Претходно и посетата на бугарската потпретседателка Јотова  од македонските здруженија во Албанија ја оценија како засилена бугарска пропаганда врз Македонците во Албанија. Воедно во бугарското собрание во процес се и законските измени со кои ќе бидат објавени сите оние кои добиле бугарски пасоши.

„До сите жители на општина Пустец, Албанија: Доколку сега на пописот не се пријавите како етнички Бугари, во најкус можен рок ќе ви бидат одземени бугарските државјанства, а доколку сте во постапка – веднаш ќе ви бидат прекинати процедурите. Веќе имаме еден таков случај. Размислете“, вели Виктор Стојанов.

За ваквите закани Османи во пораката вели дека Македонските во Албанија не треба да ги загрижуваат пропагандите кои деновиве се актуелни и кои директно имаат влијание врз нивните чувства.

„Деновиве сме свесни на различните пропаганди кои што апелираат на вашата одлука, не водејќи сметка за вашите чувства. Не треба ништо од тоа да ве загрижува. Албанија е слободна земја, каде секој може слободно да го изрази и негува својот идентитет без да се грижи за било какви последици од тоа. Со тоа вие дополнително ќе ја потврдите вашата незаменлива улога во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, порача Бујар Османи.

Пописот во Албанија започна на 18 септември, а според најавите, најголемата статистичка операција е предвидено да заврши за шест недели, односно на 30 октомври.