Вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 гостуваше шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Дебатиравме на најразлични теми околу надворешната политика.
Османи го коментираше и Декретот од Бајден за замрзнување на имоти и ставање на црна листа за оние кои нема да го почитуваат договорите во овој регион, вклучувајќи ги тука и Преспанскиот и Охридскиот договор.
„Со тоа САД ставија една линија во регионот. Дека од тука ќе се оди само напред, нема назад. Затоа се додава Охридскиот, Преспанскиот договор, Дејтонскиот, затоа се споменува влегувањето на НАТО во Косово. Тоа се позиции кои ја утврдуваат позицијата на регионот во моментов. Ние во овој регион имаме тенденции со едното око да одиме напред, со едно да гледаме назад. Мислам дека со ова одлука САД става ѕид. Од тука не прифаќа никаков ревизионистички пристап“, вели Османи.
На прашањето дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да го прифати Преспанскиот договор, Османи кажа дека опозицијата мора да го почитува, како што тоа го прави грчкиот премиер Мицотакис кој не се согласува со него, но рекол дека мора дда го почитува.
„Преспанскиот договор е реалност. Имаше една изјава на сегашниот премиер на Грција, Мицотакис после превземање на власта кога вели јас не се согласував со Преспанскиот договор, но тој е сега обврска, и јас како премиер морам да го почитувам. Тоа е државнички однос. Тоа е ставот што треба да го има ВМРО-ДПМНЕ и тоа го очекуваат и граѓаните“, кажа Османи.
