Во Градската општа болница „8 Септември“ за првпат во Македонија е применета иновативната метода „CoroFlow“, современ медицински систем кој овозможува попрецизна дијагностика на одредени срцеви заболувања.
Од Министерството за здравство информираат дека методата е воведена од тимот за интервентна кардиологија при болницата и претставува значаен исчекор во унапредувањето на кардиолошката дијагностика во земјава.
„CoroFlow“ е софистициран софтверски медицински систем кој овозможува прецизна проценка и детектирање на нарушувања во микроциркулацијата на срцевиот мускул. Со неговата примена лекарите ќе можат попрецизно да ја проценат состојбата на коронарната микроциркулација, особено кај пациенти кај кои класичните дијагностички испитувања не ги откриваат причините за симптомите.
Според Министерството, воведувањето на оваа технологија ќе придонесе за попрецизна дијагноза, поефикасен третман и подобра грижа за пациентите со кардиоваскуларни заболувања.
Оттаму оценуваат дека станува збор за уште еден значаен чекор кон модернизација на македонското здравство и усогласување на домашната медицинска пракса со најсовремените светски стандарди во кардиологијата.
Министерството за здравство упати честитки до тимот за интервентна кардиологија при ГОБ „8 Септември“, истакнувајќи ја нивната посветеност, стручност и придонес во воведувањето на новите медицински технологии.
