Османи: Левица е партија на руска пропаганда – референдум за стратешки прашања се опасен преседан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата за референдум е штетна и таа не смее да се случи , смета шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Но,  по отфрлањето во Собранието и Левица најави дека ќе поднесе иницијатива за референдум за укинување на Договорот со Бугарија. Османи вели дека таа партија не е македонска, туку стимулирана и финансирана во служба на руска пропаганда.

„Меѓународни договори не можат преку еднострани одлуки да се поништат . Трето, еднонационални референдуми за стратешки прашања на државата се опасен преседан за Република Северна Македонија и тие не смеат да се случат. За Левица имам свој став, дека тие не се македонска партија, туку тие се партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против Европската унија и Соединетите Американски Држави“, вели Бујар Османи.

Покрај најавата за референдум од Левица до Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против претседателот на Собранието Талат Џафери, за, како што наведуваат, спречување гласање на граѓаните на референдум

„Претседателот на Собранието Талат Џафери, своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија“, посочија од Левица.

Инаку, во однос на скринингот Османи рече дека двете фази и објаснувачкиот и билатералниот треба да завршат до ноември идната година. До тогаш тој очекува да се заврши и процесот на уставни измени, но како тоа ќе се успее покрај ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги поддржи, особено сега по отфрлањето на иницијативата за референдум.

„Во ВМРО-ДПМНЕ сега има некои нови случувања таму, веројатно фокусот е на тие нови случувања, но јас чувствувам и во комуникација моја со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ дека и таму има разбирање дека од овој процес нема штета, дека Северна Македонија не смее да остане заложник на дневно партиско-политичките интереси туку напротив треба да се завршат уставните измени бидејќи никој нема да има штета од тоа“, додава Бујар Османи.

Македонија вчера го започна скрининг процесот, за кој, како што истакна Османи, од шесте кластери во 5 е оценета дека е на прво место или го дели првото место со други земји во однос на тоа до каде сме во исполнување на обврските.